Голем дел од населението во Прилеп, особено помладата генерација е запознаена со тоа дека 11ти октомври е денот кога пукнала првата пушка во Прилеп. Наредниот ден пукнала втората пушка во Куманово. Мал дел од нив можеби би го прошириле одговорот додавајќи плус уште една реченица дека тогаш започнала борбата против фашизмот. Овој текст ќе биде далеку од класична колумна. Овој текст во кратки црти ќе ја даде содржината на настанот кој остави длабока трага во историјата на МАКЕДОНСКОТО постоење, воедно во посебноста која ја има градот во кој живееме, Прилеп, градот херој!
Денес РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА обележува 75 години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната борба. Борците од Првиот прилепски партизански одред ,,Гоце Делчев” извршија напад на бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп со што започна организираното востание на македонскиот народ против италијанскиот, германскиот и бугарскиот окупатор за ослободувањето на земјата со длабока историја. Партизаните беа распоредени во три групи. Првата група го изврши нападот на участокот, втората нападот на затворот , а третата група имаше за задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација. Во овој напад учествуваа 16 партизани меѓу кои се наоѓаа : Трајко Бошкоски-Тарцан, Борка Талески, Благоја Корубин, Мице Козароски, Душан Наумоски, Милан Димоски, Драган Спиркоски-Максо,Благоја Спиркоски, Аспарух Јосифоски, Никола Попоски, Јонче Јаничот, Перо Крстески, Душан Ристески-Кашата. Од редот на партизаните немаше загинати, но од страната на фашистите беше убиен стражарот во участокот од страна на Душан Наумоски. Наредниот ден на 12ти октомври, својата поддршка ја дадоа и партизаните од Куманово. Македонија ја донесе одлуката да пристапи кон страната на прогресивното човештво ослободено од било какви влијанија и ограничувања поставени од фашизмот како идеологија која зацрни многу животи во современата историја, идеологија која ги газеше и негираше сите општоцивилизациски и демократски вредности. Македонскиот народ препознатлив по својата храброст и сила за истрајност до самиот крај се избори самостојно за слободата во која денес живееме. Првите партизанските одреди кои ја почнаа борбата, се претворија во народноослободителна армија на Македонија која за период од 4 години броеше приближно 110 000 борци, со највисок ранг како корпуси и дивизии. Овој ден го означи продолжувањето на една стара традиција, борбата за слобода која можеме да ја забележиме низ многу наврати во минатото, како на пример Карпошовото , Разловечкото, Кресненското , Илинденското востание. За време на борбата окупаторите вршеа пустош врз цивилното население.Без трошка жал се обидуваа да го задржат нештото кое бегаше од нивните раце. Додека траеше окупацијата од нашата земја беа интернирани околу 58.000 жители. Македонија претрпе и огромна економска штета која беше само обичен дел од цената која требаше да се плати за ваквата неизмерлива слобода. Како резултат на оваа борба, врвот кој се нивелираше со крајната желба на нашиот народ, АСНОМ на своето прво заседание во 1944 година го зачна животот на повеќевековните идеали за основање на македонска држава.
11 октомври е ден од македонската историја, кој не само што е симбол на македонската борба за слобода, туку е и ден кога е поставен еден од темелите на македонската државност. На овој ден им оддаваме почит на сите учесници во вооруженото антифашистичко и народноослободително востание. Наша должност останува да го чуваме она за што тие го дадоа својот живот. Нашата историја не мотивира да чекориме напред, да веруваме во себе…
Во најубавата приказна за слободна Македонија се вградени судбините на огромен број млади луѓе. Затоа, ова наше востание мора да стои на пиедесталот на макеоднскиот народ во креирањето на вистинската приказна за македонската република..
Нека е вековит овој празник. Честит 11ти октомври МАКЕДОНЦИ!