Македонскиот народ, со убедливо мнозинство од 95% на референдумот од 8-ми Септември 1991-ва година се изјасни за самостојна, суверена и независна држава – Република Македонија!
Во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на Референдумот се вели дека за начинот на кој беше спроведен не беа поднесени приговори или жалби поради неправилности или повреди на одредбите на Законот за републички Референдум. Комисијата ја констатирала масовноста на граѓаните со право на глас во Македонија кои се изјасниле “за” самостојна и суверена Македонија.
Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранито на Република Македонија.
Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Мнозинскиот дел од албанската етничка заедница го бојкотираше референдумот, а пратениците Албанци во Собранието не го поддржаа новиот Устав.
Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.
Во однос на воспоставувањето на меѓународно-правниот субјективитет, и по неуспехот на Конференцијата за мирно решавање на кризата во Југославија, клучна е Декларација за дисолуција на Југославија што ја донесе Советот на министри на Европската заедница на 16 декември 1991 година со која се упати повик до југословенските републики да се изјаснат дали сакаат да станат независни и меѓународно признати држави.
Македонија беше меѓу четирите од шесте поранешни југословенски републики заедно со Словенија, Хрватска и БиХ кои позитивно се изјаснија по Декларацијата. Иако само Македонија и Словенија добија позитивни оценки од специјално формираната Бадинтерова комисија дека ги задоволуваат условите за стекнување независност, Европската заедница во средината на јануари, 1992 година, ги призна само Словенија и Хрватска.
Во тој период, поточно на 15 јануари 1992 година, Република Бугарија беше првата држава што ја призна државноста на Македонија. Следуваа признавањата од Турција, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина…
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Сепак, поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше направено под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија.
Во изминатите 25 години самостојно живеење македонската држава мина низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата и интеграција во евроатлантските структури.
Последниве години ги одбележи процесот на прилагодување на законодавството кон легислативата на Европската унија, децентрализација на власта, реформите во одбраната. сл
НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ И ВЕЧЕН ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА