• Каменичко културно лето 2017

2 Август ден на Илинденското востание-Ден на Република Македонија

Илинденското востание било востание на македонскиот народ  против османлиската власт. Конгресот на Македонската револуционерна организација, одржан во Солун, донел одлука напролет да се крене оружено востание при што започнувањето и водењето на востанието им биле препуштени на окружните комитети. Конгресот на Битолскиот револуционерен округ, одржан во Смилево, одлучил да се крене општо ослободително востание и избрал Главен востанички штаб на Битолскиот револуционерен округ (во состав: Дамјан Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев), кој донел одлука востанието да започне на денот Свети Илија, 2 август 1903 година (нов стил).

Уште во 1903 г. познатиот англиски писател и публицист  Хенри Брејсфорд ја посетил Македонија и констатирал: „Востаничкото движење во стварноста е вистинско македонско движење, подготвувано од Македонци, водено од Македонци и потпомогнато од  страсното сочувствување на огромното мнозинско словенско население… Нивните балади за бунт, во кои зборот „Македонија“ се јавува во секој рефрен, докажуваат дека тие веќе имаат татковина“.

Востаничките сили презеле нападни дејства во сите востанички реони. Востаниците од Крушевскиот востанички реон со концентриран напад го ослободиле Крушево. Во Костурскиот востанички реон биле ослободени поголемите населени места Невеска и Клисура, a во Леринскиот, Охридскиот, Преспанскиот и во Кичевскиот револуционерен реон се воделе жестоки борби.

Во ослободеното Крушево била создадена Крушевската Република, со Совет и со Привремена влада, избрани од народот. Привремената влада имала ресори: за внатрешни работи, за финансии, за исхрана, за изградба и за санитет. Посебните дејности ги извршувале специјални служби: за обезбедување и градење опкопи за заштита, за поправка на оружјето и за производство на воени материјали, вклучително и црешово топче. За одбрана Привремената влада извршила мобилизација на машкото население способно за борба и презела мерки за заштита на муслиманските семејства на избеганите државни службеници и на нивните имоти, обезбедувани од Востаничкиот штаб. Во селата со муслиманско население бил упатен повик, познат како Крушевски манифест, во кој се соопштувало дека македонскиот народ се кренал на оружена борба против тиранската власт и насилниците, а не против сиромашното муслиманско население, дека востаниците не се разбојници, туку револуционери па затоа тоа да не се плаши, да остане мирно и дека во автономна Македонија сите ќе имаат еднакви права и слободи.

Во другите револуционерни окрузи (Солунскиот, Серскиот и Скопскиот), востанието имало карактер на герилско војување. Биле активирани сите вооружени чети кои вршеле напади на воените цели: гарнизони, стражарници и други цели, како и на стратегиските објекти: патиштата, железничките линии, телефонските и телеграфските инсталации. Со нивното дејствување била опфатена целата територија на Македонија и со тоа Илинденското востание добило карактер на општонародно востание.Во Битолскиот револуционерен округ, каде што востанието било најмасовно, била извршена мобилизација на голем дел од боречкото население. Востаничкиот штаб им предал Меморандум на дипломатските претставници со протест поради варварските постапки на регуларните единици на војската, против палењето и разурнувањето на селата и масакрирањето на неборечкото македонско население.

Во Одринскиот револуционерен округ востанието избувнало подоцна. По Конгресот на Петрова нива Михаил Герџиков се вратил за неколку дена во Бугарија и телеграфски побарал од ЦК да се одложи денот на востанието. Му одговориле дека востанието може да се одложи најдоцна за 20 јули, Илинден. Герџиков се вратил во Странџа кај своите другари од штабот, Лазар Маџаров и Стамат Икономов на кои им го објавил резултатот. Со нив бил и секретарот Христо Силјанов. Сите тие заедно решиле сами да продолжат рокот за уште 15 дена, до 6 август – Преображение, за две причини: да се подготват подобро во борбите и да го користат случајот кога турските војници, кои биле концентрирани кон нивниот крај, ќе бидат испратени да задушувањето на македонското востание, па тогаш со нивната акција да ги разделат и ослабаат. Сепак, тој факт не попречил востанието во Тракија да биде подолготрајно од востанието во Македонија. Таму востаничката власт потоа ја формирала Странџанската комуна, која ја опфаќала територијата меѓу Мало Трново и Василико.

Европските големи сили имале свои интереси во османлиската држава и во регионот, биле против оруженото востание во Македонија и Одринско и за зачувување статус кво. На Владата на Турција и дале полна слобода да ги употреби сите потребни сили и средства за задушување на востанието. И соседните балкански држави биле исто толку заинтересирани за ликвидирање на Востанието и за уништување на Македонската револуционерна организација, стравувајќи од интервенцијата на силите за давање автономија на Македонија.

Во такви услови, при целосна изолираност и во непријателско окружување од соседството, македонските и одринските востанички сили опстоиле до пред крајот на 1903 г., спротивставувајќи им се на огромната модерно вооружена регуларна армија и на нерегуларните воени формации, кои примениле тактика на тотално уништување на македонските села, материјалната база и борбената резерва. По повеќемесечни борби, за да се поштеди народот од натамошни репресалии, Востаничкиот штаб издал директива за запирање на востанието.

Bookmark the permalink.

Comments are closed