23 октомври ден на ВМРО

На 23 октомври 1893 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собрале шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, коешто ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Aрсов,Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја Македонски револуционерен комитет. Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Формирањето на ВМРО значело почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, преку НОВрезултира со создавање современа самостојна македонска држава.

14794145_10208063194365674_1633057085_n

Овој датум се поврзува со организираната борба на македонскиот народ и на националностите кои живееле на оваа територија, за формирање независна држава. Во политичка смисла, тогаш борбата за автономија значела формирање самостојна држава. Затоа 23 октомври симболизира континуитет на македонската борба за независност, што резултирал денеска да имаме сопствена, независна држава.

Поминаа 123 години од денот кога се поставија основите на Организацијата со цел обединување на националните сили на македонскиот народ и започнување организирана борба за исполнувањето на вековниот сон – ослободувањето на Македонија. Многу страници од тогаш до денес се испишаа, но, уште многу страници останаа неиспишани, зошто таа борба видоизменета се  уште трае. Се уште има народи кои му го оспоруваат правото на македонскиот народ на сопствена држава и идентитет, се  уште постојат земји кои го попречуваат развојот на македонската држава.

На 23 октомври 1893 година (стар стил), шестмина млади македонски интелектуалци ги поставија темелите на Македонската револуционерна организација. На тој историски ден, по иницијатива на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собраа Д-р Христо Татарчев и учителите Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја Македонски Револуционерен Комитет и ги ставаат основите на тоа, што денес е симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода.

14804919_10208063194325673_1713055301_n

Согледувајќи дека во Македонија постојат услови за развивање на засилена револуционерна дејност, шестмината македонски револуционери ги поставуваат следните цели на Организацијата:

1) Таа да биде тајна и револуционерна;

2) нејзината територија да ја сочинува Македонија во географските и етнографските граници, поради што ќе се вика внатрешна и

3) во неа да членуваат лица што се родени и што живеат во Македонија, без разлика на вера и народност. Поставувајќи ја политичката цел тие бараат: а) автономија на Македонија; б) да се чува самостојноста на Организацијата и в) таа да не падне под влијание на политиката на владите на соседните слободни држави.

Шестмината неуморно работеа на остварување на поставените цели. Организацијата растеше и се повеќе се ширеше нејзината мрежа. Понекогаш прекината, таа одново се возобновуваше. Надежните, оние кои беа против Егзархијата и се залагаа за децентрализација на црковно-училишното дело се посветуваа и во својот реон формираа кружоци од посветени и борбени другари. Факелот на револуционерното дело го предводеа учителите, а бројот на посветени растеше. Револуционерниот оган го понесоа не само учителите и нивните ученици, туку сите прогресивни елементи меѓу слободољубивиот македонски народ. Наскоро тие станаа  стотици, илјадници следбеници.

Сепак, факелот во рацете на Гоце Делчев стана ѕвезда водилка на македонското револуционерно дело. Иако неговата ѕвезда предвреме згасна, револуционерниот оган кој го запали апостолот на македонското револуционерно движење силно ќе се разгори и ќе го обедини народот  во Македонија за време на Илинденското востание во 1903 година.

На 2 август 1903 година, на ден Св. Илија, името на Македонската Револуционерна Организација со златни букви ќе се запише на страниците на македонската историја. Иако Крушевската Република трае само десет дена, разгорениот слободарски жар во срцата на македонскиот народ, никогаш повеќе нема да згасне.

Покажаната храброст и постигнатиот краткотраен успех на слабо вооружениот народ во борбата за слобода со далеку посилната и модерно вооружена османлиска армија, надалеку ќе се слушне. Тоа беше повод македонскиот народ да сфати дека само обединети под еден бајрак, без разлика на својата верска или етничка припадност, а предводен од Македонската Револиционерна Организација, како и нивната храброст, може да им ја донесе толку посакуваната слобода.

Но, тој исто сфати дека не може да се надева некој друг, некоја туѓа соседна земја дека ќе ги ослободи од ропство. Оттука, по Илинденското востание Македонската Револуционерна Организација станува главна движечка сила на македонскиот непокор.

Од своето формирање па се` до расцепот во Организацијата во 1908, таа во неколку наврати го менува своето име и носи називи како ТМОРО и ВМОРО. Организацијата секогаш во името ги задржува придавките Македонска и Револуционерна. По расцепот, еден период левицата се именува како МОРО, а во текот на 1910 година, десницата на македонската организација го добива конечното име Внатрешна Македонска Револуционерна Организација или ВМРО.

Последиците од поделбата на Организацијата, имаа тешки последици за македонскиот народ. Тоа доведе до парализирање на Македонската Револуционерна Организација во периодот на Балканските војни во 1912 и 1913 година, што пак ја овозможи поделбата на Македонија и македонскиот народ.

„ВМРО во својство на вистинска револуционерна сила се бори за ослободување и обединување на раскараните делови на Македонија во една наполно самостојна (независна) политичка единица во нејзините природни етнографски и географски граници. Таа смета дека политичкото постоење на Македонија може да биде гарантирано само од сојузот на самостојно определените балкански народи во форма на една Балканска Федерација, која што единствено ќе може да ги парализира анексионистичките стремежи на постојните балкански држави, да го осигура правилното решавање на сите национални спорови, да го гарантира културниот развиток на сите етнографски малцинства“.

Денес кога го чествуваме 23 октомври – Денот на македонската револуционерна борба, како и 123 години од формиеањто на ВМРО, се поклонуваме на делото на шестмината македонски револуционери кои ги поставија темелите на ВМРО, како и на сите потомци и следбеници на Делчев, Груев, Карев, Гули, Александров, Чучков, Брашнаров, Ченто, на сите знајни и незнајни херои кои својот живот го положија на олтарот на слободата за Македонија.Нека ни е вечен Денот на Македонската револуционерна борба!

Bookmark the permalink.

Comments are closed